Видео МКД
Содржината на овој вебинар ќе им овозможи на наставниците и раководниот кадар од основните училишта да се запознаат со начините за развивање програми за реализација на слободни изборни предмети. Во оваа сесија ќе бидат изложени практични примери и пристапи за спроведување активности од слободни изборни предмети, имајќи го предвид „Водичот за основно образование“. Пред почетокот на главниот дел ќе бидат поставени прашањата во МентиМетер, потоа, преку лични реализирани примери на предавачот ќе бидат презентирани различни ресурси, алатки и техники на подучување, како и наставни методи и форми. Во завршниот дел ќе бидат зададени активности за учесниците.

За предавачот:
Биљана Илиева е наставник-ментор, професор по биологија и природни науки, Scientix амбасадор на Македонија од 2017 година, а во 2019-та година беше прогласена за најдобар просветен работник. Илиева е ко-автор на збирките задачи по предметот Биологија за 7-мо, 8-мо и 9-то одделение, долгогодишен соработник на детските списанија „Мини Либи“ и „Либи“, а како стручен соработник учествувала и во изработката на други учебници. Професорката Илиева даде значаен придонес во наставата од далечина за време на Ковид-19 пандемијата, како креатор на видео лекции во ТВ училницата на платформата ЕДУИНО. Во нејзината библиографија вброени се многу награди и признанија освони со учениците на натпреварите по биологија, потоа наградениот проект од „Фондот за иновации и технолошки развој“ (ФИТР) и освоеното второ место на државниот натпревар „Предизвик за кодирање“.
