Видео МКД
Овој вебинар е наменет за наставници од основните и средните училишта кои сакаат да воведат интердисциплинарен пристап во наставата со цел да ги запознаат учениците со предизвиците кои произлегуваат од климатските промени (средно ниво). Проучувањето на климатските променени вклучува интерсекција на повеќе дисциплини. Токму затоа, неопходен е интердисциплинарен пристап во изучувањето на оваа комплексна тема. Овој вебинар е дизајниран на едноставен начин и дава приказ за тоа како треба да изгледа еден современ наставен час на кој учениците од основното и средното образование, на интердисциплинарен начин, ја изучуваат оваа тема. За таа цел, ќе бидат презентирани практични примери и совети. Во воведниот дел, учесниците ќе се запознаат со основите на интердисциплинарниот пристап, како и со тоа кои предмети треба да бидат вклучени за учениците да стекнат знаења со кои ќе ги препознаваат предизвиците од климатските промени. Акцентот ќе биде ставен на препознавањето на негативните ефекти од оваа појава. На овој начин, учениците се поттикнуваат да размислуваат за решенија во однос на реален проблем, со што ќе стекнат сеопфатни, трајни и целисходни знаења. Во практичниот дел, преку изложениот пример на веќе изработен проект, ќе се покаже како во пракса изгледа предавање на наставна единица на интердисциплинарен начин. Воедно ќе бидат посочени и примери за конкретни наставни единици преку овој пристап.

За предавачот:
М-р Ирина Шорева – наставник по биологија и природни науки во ООУ „Кочо Рацин“ – Центар, Скопје, работи со талентирани и надарени ученици, учествува во научно-истражувачки проекти од областа еко-хидробиологија и заштита на животната средина. М-р Шорева била учесник на бројни семинари, вебинари и обуки од областа на интерактивната настава, вештини на 21-от век и употреба на ИКТ во наставата.
