Шегата не е секогаш смешна 

Тема

Превенција и заштита од насилство

Предизвик

Како би можеле да ги поттикнеме учениците да го препознаваат вербалното насилство, a со цел создавање побезбедна училишна средина?

За активноста

Форми на работа

Индивидуално размислување, работа во мали групи, групна дискусија, завршен круг за рефлексија

Време на реализација

40 – 50 минути

Возраст

Ученици од различни генерации (I – IV година) (20 – 30 ученици)

Локација

Училишна училница или друга соодветна просторија

Потребни материјали

  • Листови со сценарија
  • Табла или хартија за табла за задачи
  • Пенкала/маркери
  • Простор за групна работа и финален круг
  • Листови или лепливи ливчиња за лични пораки (незадолжително)

Цели

  • Да се подигне свеста кај учениците за вербалното насилство скриено зад „шеги“
  • Да се развие емпатија, почит и асертивна комуникација
  • Да се поттикне правилна реакција кога сме сведоци на навредливи изјави
  • Да се охрабри лична одговорност во градењето средина во која се поттикнува поддршката
  • Да се создаде училишна култура во која вербалното насилство не се нормализира и се препознава како сериозен проблем.

Очекувани резултати

  • Подобро препознавање на вербалното насилство
  • Поголема емпатија и самосвест кај учениците
  • Поттикната позитивна групна динамика и меѓусебна поддршка
  • Подготвеност да се реагира во ситуации на навреда
  • Учениците ќе можат да наведат најмалку 2 начина како да реагираат кога ќе бидат сведоци на вербално насилство.
Чекори
  • Подготовка
    • Советување со стручната служба (психолог/педагошки тим)
    • Избор на ученици кои ќе учествуваат во активноста
    • Изработка на 4 до 6 сценарија со навредливи „шеги“
    • Подготовка на просторот за работа во групи и во круг
    • Изработка на прашања за групна анализа
  • Реализација

    Фаза 1: Групна работа – „Шега или навреда?“ 

    Чекор 1: Формирање групи 

    • Учениците се делат во групи од 5 до 6 члена
    • Секоја група добива сценарио: кратка ситуација со „шеговита“ навреда
    • Пример за сценарио: „На одмор, група ученици му велат на Кире: „Ти си толку глуп, дури и калкулаторот ќе се збуни со тебе.“ Сите се смеат, а Кире се повлекува и не зборува до крајот на часот.

    Чекор 2: Работа по групи

    • Секоја група ги одговара следниве 3 прашања:
      • Како се чувствува жртвата на „шегата“?
        (тажно, засрамено, понижено, налутено, осамено…)
      • Како би реагирале вие како сведоци?
        (би го поддржале, би кажале дека не е во ред, би пријавиле и сл.)
      • Како може да се пренесе истата порака без навреда?
        Наместо: „Ти си глуп“
        Може да се каже: „Ајде да ти помогнеме, оваа задача е малку збунувачка.“

    Чекор 3: Претставување од страна на групите 

    • Претставник од секоја група ги споделува заклучоците
    • Водителот поттикнува дополнителна дискусија со прашања:
      • „Како мислите дека се чувствува Кире?“
      • „Дали некогаш сте биле во слична ситуација?“
      • „Како можеме да спречиме вакви моменти?“

    Фаза 2: Завршен круг – „Порака до другите“ 

    Чекор 4: Формирање круг и вовед 

    • Сите ученици седнуваат или стојат во круг
    • Водителот вели:
      „Шегите можат да бидат забавни, но понекогаш оставаат трага. Ајде секој од вас да испрати лична порака – предупредување или поттикнување.“

    Чекор 5: Лични пораки 

    • Секој ученик кажува реченица на една од следниве теми:
      • „Шегата не е шега кога…“
        (на пр. … кога повредува, кога е во име на друг, кога не е смешна за сите) ИЛИ
      • „Јас ќе се потрудам да…“
        (на пр. … не се смеам кога некој е навреден, … да го поддржам оној што е нападнат, … да бидам повнимателен со зборови)
    • Учениците кои не сакаат да зборуваат можат да напишат порака на лист.

    Чекор 6: Заклучок од водителот 

    Рефлексија:

    • „Денес зборувавме за зборовите што можат да повредат – и за силата што секој од нас ја има кога ќе избере емпатија и почит. Ви благодарам што споделивте.“

Училиште

СОУ „Јовче Тесличков“ – Велес

Ментор

Никола Делевски
Проверено

Ана Попризова

Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Радмила Андовска
  2. Билјана Коџабашиева
  3. Милка Петровски
  4. Александра Станојковиќ
  5. Марко Варналиев
  6. Давид Димитриев
  7. Елена Петрова
  8. Јована Димковска

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.