Ловци на богатство

Тема

Превенција и заштита од насилство

Предизвик

Како да ги анимираме учениците за време на големите одмори за да се спречи насилство и недолично однесување?

За активноста

Форми на работа

Индивидуална, групна

Време на реализација

Во текот на работната седмица

Возраст

Ученици од VI до IX одделение

Локација

Училишна библиотека

Потребни материјали

  • Изработени загатки (Прилог 1)

Цели

  • Спречување на насилството преку креативна и едукативна активност што ги мотивира учениците да го користат слободното време позитивно.
  • Развивање тимска работа и соработка меѓу учениците.
  • Поттикнување позитивни вредности како пријателство, соработка и почитување на различните способности на учениците.

Очекувани резултати

  • Користење на слободното време за учење и дружење со позитивни примери и креативни активности.
  • Подобрена социјалната клима во училиштето преку учење за тимска работа и взаемна поддршка.
  • Намалени случаи на насилство и несоодветно однесување за време на големите одмори.
Чекори
  • Подготовка

    Изработка на содржините на загатките

    • Тим ученици, заедно со библиотекарот и наставниците, создава загатки поврзани со книги и ликови што учениците можат да ги најдат во библиотеката. Загатките треба да бидат креативни и едукативни, а содржината треба да ги поттикне учениците да размислуваат и да се забавуваат додека учат.
    • Пример на загатки: „Кој лик влезе во магичен ормар и откри свет полн со авантури?“, „Која книга зборува за дете кое никогаш не пораснало?“.

    Изработка на загатките

    • Загатките се изработуваат како писма или карти, кои ќе бидат скриени низ библиотеката или училниците.

    Информирање на учениците

    • Учениците се информираат преку училишниот разглас, со постери или преку претставници од ученичкиот парламент. Се поттикнуваат да формираат тимови и да се пријават за учество во активноста.

     

  • Реализација

    Активност

    • Тимовите добиваат неколку загатки за време на големиот одмор. Секоја загатка е поврзана со некоја книга или со лик од литературата. На пример, прашањето може да биде: „Која хероина е позната по својата долга коса, затворена во кула?“ – одговор: Рапунзел.
    • Учениците работат заедно за да ги решат загатките, што ги поттикнува да комуницираат и да се договараат како тим. За секој точен одговор на загатка, добиваат буква која ќе им помогне да ја откријат крајната порака.
    • Кога сите загатки ќе бидат решени, буквите се поврзуваат и го формираат кодот, на пример, „ПРИЈАТЕЛ“. Крајната порака што ја откриваат може да биде: „Читањето ти отвора врати кон светови полни со знаење и пријателства“.

    Награди и признанија

    • По успешно решавање на загатките, тимовите добиваат сертификати за учество или симболични награди како книги или училишни материјали.
    • Победничкиот тим може да добие специјална награда или признание од училишниот парламент и наставниците, што дополнително ќе го поттикне нивното учество и залагање.

    Следење и евалуација

    • По завршување на активноста, учениците се повикуваат да пополнат кратка анкета за да ги споделат своите впечатоци и идеи за подобрување. Наставниците и стручните служби ќе ги анализираат резултатите од анкетата и ќе видат дали активноста помогнала да се намали насилството за време на големиот одмор.
    • Тимот наставници и библиотекарот ќе го следат однесувањето на учениците за време на големите одмори и ќе забележат дали има намалување на инцидентите на насилство или недолично однесување.

Училиште

ООУ„Гоце Делчев“, Неготино

Ментор

Александра Блажевска
Проверено

Ана Попризова
Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Благица Јованова
  2. Коста Златанов
  3. Веселина Вељанова
  4. Давид Атанасијевиќ
  5. Евгенија Илкова
  6. Павлинка Вељаноска
  7. Елена Кабранова
  8. Ѓурѓица Андонова

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.