Моето барање – мојот глас: Учиме да се изразуваме официјално!

Тема

Зголемување на учеството на учениците во донесување одлуки

Предизвик

Како би можеле да зголемиме учество на учениците од предметната настава во ученички иницијативи, а со цел подобрување на целокупното активно учество во училиштето?

За активноста

Форми на работа

Фронтална работа, работа во мали групи, работа во парови, индивидуална работа

Време на реализација

1 училиштен час

Возраст

Ученици од VIII и IX одделение

Локација

училница

Потребни материјали

  • Презентација со правила за пишување писмено барање
  • Примерок од официјално писмо
  • Работни листови (структура на писмо, самопроцена)
  • Табла/проектор
  • Соопштение за работилница
  • Папки и листови за пишување

Цели

  • Учениците да стекнат практични вештини за изразување преку официјално писмено барање.
  • Да се поттикнат учениците да комуницираат со институции на соодветен и културен начин.
  • Да се негува граѓанската писменост и иницијативност кај младите.

Очекувани резултати

  • Учениците ќе умеат да состават формално писмо користејќи правилна структура, јазик и тон.
  • Ќе развијат критичко размислување, соработка и способност за аргументирање на сопствените идеи.
  • Ќе го зајакнат гласот на учениците како активни чинители во училиштето.
  • Најмалку 80 % од учениците ќе умеат да состават официјално писмо со точна структура.
Чекори
  • Подготовка

    Подготовка на работилница

    • Формирање тим за реализација на активноста. Подготовка на соопштение за работилницата.
    • Запознавање на учениците со елементите на официјалното писмо преку презентација.

    Целта на официјалното писмо:

    • Се користи за комуникација со институции и лица со авторитет (директор, општина, јавни служби и сл.).

    Карактеристики на официјалното писмо:

    • Формален тон – се избегнуваат разговорни изрази.
    • Јасна структура – писмото има уреден распоред на информации.
    • Конкретност и краткост – се изнесуваат суштински факти, без непотребни детали.

    Структура на писмото:

    • Податоци за подносителот (во горната лева страна)
    • Податоци за примателот (податоци за директорот)
    • Наслов (што се бара)
    • Вовед (кратко претставување и причината за пишувањето)
    • Главен дел – образложување (зошто се бара нешто, со аргументи)
    • Заклучок (повторување на барањето + изразување благодарност)
    • Потпис и датум

    Анализа на пример:

    • Учениците добиваат примерок од официјално писмо – на пример, „Барање за дозвола за организирање училишна екскурзија“.
    • Наставникот чита со учениците и заедно анализираат:
      • Дали структурата е во согласност со стандардите за пишување официјално писмо?
      • Каков е тонот на писмото?
      • Како е образложено барањето?
      • Дали писмото е убедливо и културно?
    • Учениците се делат во мали групи (3 – 4 члена).
    • Задача: Да осмислат неколку идеи што би сакале да ги бараат од директорот (на пример: Поставување нова опрема во спортската сала, Организирање тематски ден, Подобрување на хигиенските услови, Дозвола за креативен проект во училишниот двор) или општина, библиотека или некоја слична институција која ја има во местото и потоа реално да ги достават до директорот.
    • Секоја група ги претставува своите идеи пред групата.
  • Реализација

    Индивидуално пишување:

    • Учениците избираат една од предложените теми или ја избираат својата. Следејќи ја структурата, секој ученик пишува официјално писмо. Наставникот се движи низ просторијата, одговара на прашања и помага при формулирањата, ако е потребно.

    Работа во парови

    • Учениците се здружуваат во парови. Секој ученик му го чита своето писмо на партнерот и добива повратна информација. Учениците ги коментираат следниве аспекти:
      • Дали писмото има јасна структура?
      • Дали тонот е соодветен?
      • Дали аргументите се убедливи?
      • Дали има граматички или правописни грешки?

    Презентација и дискусија:

    • Од 1 до 2 ученици доброволно го читаат своето писмо пред останатите ученици. Потоа следува кратка заедничка анализа:
      • Што е направено добро?
      • Може ли нешто да се подобри?
      • Каков впечаток остава писмото на читателот?
    • Наставникот ги поттикнува учениците да изразат мислење со почит и со конструктивност.

Училиште

ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга

Ментор

Александра Блажевска
Проверено

Ана Попризова

Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Јасмина Кукунешоска Кочоска
  2. Селпи Пошка
  3. Костантин Вешоски
  4. Христина Дејкоска
  5. Иринеј Хиохи
  6. Берак Шашко
  7. Веса Положани
  8. Оргес Рахмани

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.