Малите кругови на големите идеи

Тема

Зголемување на учеството на учениците во донесување одлуки

Предизвик

Како може да ги мотивираме учениците (најчесто интровертните ученици) да бидат поактивни за да се вклучат во дискусии околу социјални предизвици?

За активноста

Форми на работа

Во групи

Време на реализација

90 минути

Возраст

Ученици од I-IV година

Локација

Библиотека

Потребни материјали

  • Картички со теми за дискусија (социјални предизвици, како на пример: климатски промени, кибермалтретирање, ментално здравје, социјална правда)
  • Столчиња или перничиња за седење во круг (за да се создаде пријатна атмосфера)
  • Бела хартија и пенкала за секоја група

 

Цели

  • Да се поттикне учество на сите ученици, особено на интровертните, во дискусии на теми кои ги засегаат.
  • Да се создаде пријатна и средина на поддршка во која учениците можат да ги искажат своите идеи и ставови.
  • Да се развијат вештини за критичко размислување и вклучување во решавање социјални предизвици преку тимска работа.

Очекувани резултати

  • Учениците се чувствуваат поудобно да се вклучат во дискусии и имаат самодоверба во изразувањето на мислењата.
  • Развиена култура на поддршка и разбирање меѓу учениците за значењето на секој глас во општеството.
  • Создавање конкретни идеи за решавање на социјалните предизвици кои можат да се претставуваат на училишната заедница.
Чекори
  • Подготовка

    Формирање на малите кругови

    • Учениците формираат мали групи од 4 до 5 члена, така што секој има можност да се вклучи и да сподели мислење во пријатна и неформална атмосфера.
    • Организацискиот тим подготвува простор со перничиња или столчиња поставени во кругови за секоја група, за да се избегне формалност и да се создаде пријатна атмосфера за дискусија.

    Подготовка на картички со теми за дискусија

    • Учениците избираат неколку теми од социјален карактер, како на пример: влијанието на технологијата врз менталното здравје, важноста на климатските акции, кибербезбедност, толеранција и социјална правда.
    • Темите се поставуваат на картички кои се поделени помеѓу групите. Секоја група добива по една тема, која ја разгледува низ повеќе прашања, на пример: „Зошто оваа тема е важна за нас?“ и „Како можеме ние како ученици да придонесеме?“.
  • Реализација

    Започнување на круговите на дискусија

    • Организацискиот тим ја објаснува целта на активноста, нагласувајќи дека е важно секој да се чувствува пријатно за да се вклучи. Ги охрабрува сите ученици да ги слушнат своите соученици и да покажат почит кон секое мислење.
    • Во рамките на групата се дефинираат правила за дискусија ( на пр. оној кој сака да зборува крева рака, се слуша излагањето на секој член, не се употребуваат навредливи зборови кон друга личност, не е дозволено исмевање и сл.)
    • Групите избираат модератор кој ќе ја води дискусијата и ќе се увери дека секој има можност да зборува.

    Истражување на темата

    • Групите ги започнуваат дискусиите врз основа на поставените прашања на картичките, како: „Како оваа тема влијае на нас и нашата заедница?“ и „Кои мали акции би можеле да ги направиме за да го решиме овој предизвик?“.
    • За време на дискусиите, учениците се поттикнуваат да споделат свои искуства, мислења или идеи за решавање на предизвикот. Секој ученик има своја улога и е поттикнат да размислува критички.

    Запишување на идеите

    • По дискусијата, секоја група ги запишува своите најважни точки и идеи на белите листови. Ова може да вклучува конкретни решенија, како што се кампањи за подигање на свеста, предлози за училишни активности, или мали акции кои можат да се направат во заедницата.
    • Групите, исто така, можат да одберат претставник/амбасадор кој ќе го презентира резимето на дискусијата пред останатите групи и училишната заедница.

    Претставување на идеите и наградување

    • На крајот, секој амбасадор ги претставува најважните идеи на неговата група пред сите учесници. 
    • Учесниците добиваат пофалба за нивната вклученост, а групите кои предложиле најинтересни идеи можат да добијат пофалници.

    Завршна рефлексија

    • Организацискиот тим води кратка сесија за рефлексија, каде што учениците можат да споделат како се чувствувале за време на активноста и кои нови идеи добиле за идни дискусии.

Прилози

Училиште

СОУ„28 Ноември“, Дебар

Ментор

Никола Делевски
Проверено

Ана Попризова
Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Леонида Абазовска
  2. Едина Мифтароска
  3. Siera Cami
  4. Redon Jajaga
  5. Zog Fetahu
  6. Afrona Lleshi
  7. Bora Korumi
  8. Ланче Абазовски

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.