Училишна потрага по можности

Тема

Промовирање на еднакви права за сите ученици и ученички

Предизвик

Како би можеле да ги поттикнеме учениците од I и II година да се информираат за можностите што ги нуди училиштето за да можат тие да бидат темелно искористени?

За активноста

Форми на работа

Тимска работа

Време на реализација

2 часа

Возраст

Ученици од I и II година

Локација

Училиште

Потребни материјали

  • Картички со задачи или загатки за секоја можност што ја нуди училиштето (на пример: училиштен весник, спортски клуб, кариерно советување, хор)
  • Список со сите можности што се достапни во училиштето
  • Карта на училиштето со означени места каде што учениците треба да решат задачи или да откријат информации
  • Листови за запишување на одговорите
  • Плакати или информативни табли со информации за секоја можност на „станиците“



Цели

  • Да се поттикне учество и ангажман на учениците во истражување на сите можности и ресурси што им стојат на располагање во училиштето.
  • Да се создаде интерактивна и забавна средина во која учениците можат да дознаат повеќе за училишните клубови, активности и програми.
  • Да се зголеми интересот за вклучување во нови активности преку игра и тимска работа.

Очекувани резултати

  • Детален преглед за можностите и активностите што ги нуди училиштето и што одговараат на интересите на учениците.
  • Зголемен број на ученици кои активно учествуваат во различни училишни активности.
  • Развиено чувство на заедништво и тимска работа меѓу учениците додека заедно ја решаваат потрагата.
Чекори
  • Подготовка

    Создавање загатки и задачи:

    Подгответе список со загатки или задачи поврзани со секоја можност што ја нуди училиштето. На пример, ако има клуб за драмски активности, задачата може да биде:

    • Пронајдете каде клубот за драмски активности ја подготвува наредната изведба! или
    • Каде во училиштето се наоѓа просторот за библиотечна секција и која е најпопуларната книга што се чита оваа година?
    • Кои активности се организираат во спортската сала секоја среда? 
    • Која песна ќе ја пее хорот на следниот училиштен настан?

    Загатките треба да ги водат учениците до различни „станици“ низ училиштето, каде што ќе откријат повеќе информации за секоја активност или ресурс.

    Организирање на станиците:

    • Во училиштето поставете „станици“ на локации поврзани со различните можности (на пример, библиотека, спортска сала, лабораторија). На секоја станица има задачи што учениците треба да ги завршат за да продолжат понатаму.
    • Поставете постери или информативни табли на секоја станица со информации за одредени клубови, активности или програми, за да можат учениците да научат повеќе за нив.
  • Реализација

    Започнување на потрагата:

    • Организацискиот тим (ученици од ученичката заедница) ги собира сите учесници и им објаснува дека целта на потрагата е да ги истражат сите можности што ги нуди училиштето. Учениците се поделени во мали тимови кои добиваат карти и списоци со задачи.
    • Тимовите ја добиваат својата прва задача, која ќе ги води до првата станица. На секоја станица, тие решаваат задача или загатка и добиваат нова насока за да одат понатаму.

    Решавање на задачите на секоја станица:

    На секоја станица, тимовите имаат задача да пронајдат информации, да одговорат на прашање или да завршат кратка активност поврзана со дадената можност. На пример:

    • За библиотеката: „Пронајди книга од авторот кој е чест гостин во нашето училиште и напиши го насловот.“
    • За спортската сала: „Заврши брз предизвик со обрач за кошарка.“
    • За научната лабораторија: „Наброј три експерименти што можеш да ги направиш со материјали кои се достапни овде.“

    По завршувањето на секоја задача, учениците добиваат „печати“ или точки за секој успешно решен предизвик.

    Завршна станица и презентација:

    • Откако ќе ги завршат сите задачи, тимовите се враќаат на завршната станица, каде што се собираат заедно. Тука можат да споделат што најмногу им се допаднало или какви нови можности откриле.
    • Организацискиот тим им доделува мали награди или сертификати на тимовите кои ја завршиле потрагата и покажале одлична соработка и ангажираност.

    Информативна табла за учениците:

    • По завршувањето на потрагата, тимовите ги запишуваат своите омилени можности и предлози на информативна табла, која останува видлива за сите ученици во училиштето. Ова ќе биде корисно за сите кои не учествувале во потрагата, за да се информираат за достапните активности.

    Завршна рефлексија:

    • Тимот организира кратка рефлексија со учениците, каде што тие ќе можат да ги споделат своите впечатоци за потрагата и да предложат идеи за подобрување на искористувањето на училишните можности.
    • Учениците можат да предложат нови активности или клубови кои би ги интересирале, така што училишната заедница може да ги разгледа овие идеи и да ги вклучи во идните проекти.

Прилози

Училиште

СОУ„Добри Даскалов“, Кавадарци

Ментор

Никола Делевски
Проверено

Ана Попризова
Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Арелена Гостимировиќ
  2. Ангела Цилева
  3. Данка Стојкова
  4. Васил Трајков
  5. Елена Манова
  6. Благој Камчев
  7. Методи Јованчев
  8. Игнат Петров
  9. Владимир Костов
  10. Ирена Долева
  11. Даниела Живковиќ
  12. Александар Стојков
  13. Наталија Ставрова
  14. Мартина Кендроска
  15. Стефанија Стојаноска
  16. Благица Михајловска
  17. Наташа Матакова
  18. Марија Добринова
  19. Стефанија Костадинова

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.