Гласот на нашето училиште

Тема

Зголемување на учеството на учениците во донесување одлуки

Предизвик

Како би можеле да ги подобриме комуникациските способности кај дел од учениците од предметна настава кои немаат доволно самодоверба за јавен настап со цел нивна поголема вклученост во активности?

За активноста

Форми на работа

Индивидуална и тимска работа

Време на реализација

2 часа

Возраст

Ученици од VI до IX одделение

Локација

Училница

Потребни материјали

  • Листови хартија и маркери
  • Налепници во различни бои
  • Картички со комуникациски предизвици (на пример, „Состави ја твојата приказна“ или „Интервју за пријател“)
  • Звучник или музика за поттикнување опуштена атмосфера

Цели

  • Да се зголеми самодовербата на учениците кои имаат трема од јавно говорење преку активности во група.
  • Да се развијат основни комуникациски вештини, како што се изразување, слушање и јавно говорење.
  • Да се поттикне инклузија и тимска поддршка меѓу учениците.

Очекувани резултати

  • Учениците се чувствуваат посигурни да зборуваат пред група и да се вклучат во активности.
  • Учениците имаат развиено основни комуникациски вештини и стекнато искуство во јавни настапи во поддржувачка средина.
  • Инклузивна училишна средина која ги поттикнува сите ученици да се изразат.
Чекори
  • Подготовка

    Формирање организациски тим: 

    • Учениците формираат организациски тим кој ќе ја води активноста и ќе ги поттикнува своите соученици. Тимот ќе подготви картички со забавни предизвици за јавно говорење и активности кои ја развиваат комуникацијата. 
    • Тимот избира просторија во училиштето каде што сите учесници можат удобно да седнат. 
    • Учениците се делат во мали групи доколку паралелката е голема. 

    Подготвување предизвици: 

    • Организацискиот тим подготвува картички со комуникациски предизвици кои се интересни, мотивирачки и лесно разбирливи за сите ученици. 

    Примери на предизвици: 

    • „Раскажи ми една приказна“ – Измисли кратка приказна користејќи зборови кои ќе ги предложи тимот. 
    • „Интервју на пријател“ – Интервјуирај го пријателот покрај тебе за неговите хобија, интереси и за тоа што го инспирира. 
    • „Мојот суперхерој“ – Опиши каков би бил твојот идеален суперхерој и кои особини би ги имал. 
    • „Мојата најголема желба“ – Сподели една голема желба што ја имаш и како планираш да ја оствариш. 
    • „Смешна ситуација“ – Опиши смешна ситуација од твоето секојдневие што ќе ги насмее другите. 
  • Реализација

    Започнување на активноста: 

    • Организацискиот тим ги поканува сите ученици да се соберат и им објаснува дека целта на активноста е да се зајакнат комуникациските вештини на забавен и поддржувачки начин. 
    • Сите ученици седат во круг и секој добива налепница што го симболизира неговото учество во тимот „Гласот на нашето училиште“. 

    Комуникациски предизвици: 

    • Тимот им ги претставува картичките со предизвици на учениците. Секој ученик влече картичка и треба да го заврши предизвикот пред останатите.
    • Пример за картичка: „Интервју на пријател“ каде што ученикот го интервјуира својот соученик за неговите интереси и планови. 
    • Тимот се уверува дека секој ученик добива поддршка и помош ако има трема или се чувствува несигурно. Другите ученици се поттикнуваат да го охрабруваат својот соученик со позитивни коментари и аплауз. 

    Тимски поттикнувачки игри: 

    • Потоа се игра играта „Збор по збор“. Тимот започнува со еден збор, а секој ученик додава нов збор за да создадат реченица. 
    • На пример, еден ученик може да каже „Денес“, следниот ученик „учам“, третиот „во“, и така натаму, додека не се создаде цела реченица. 
    • Оваа активност поттикнува тимска работа, креативност и ги поттикнува сите да се вклучат во комуникацијата. 

    Завршна рефлексија: 

    • По завршувањето на активностите, тимот организира кратка сесија за рефлексија каде што секој ученик може да сподели како се чувствува и што научил за себе. 
    • Организацискиот тим поставува прашања: „Како ви се допадна денешниот предизвик?“ „Што би сакале да ги пробате следниот пат?“ 

Прилози

Училиште

ООУ„Никола Карев“, Крушево

Ментор

Александра Блажевска
Проверено

Ана Попризова

Проф . Д-р Софија Георгиевска

Училишен тим
  1. Маја Митева – Петроска
  2. Моника Настеска
  3. Елена Филипоска
  4. Ивана Колчакоска
  5. Ива Талеска
  6. Наталија Нака
  7. Лука Настески
  8. Давид Ташкоски

Оваа активност се спроведува од страна на СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации Скопје, во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Проектот „Промоциjа на безбедна училишна средина“ се спроведува од страна на Коалициjата на младински организации „СЕГА“ во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „МЕЃАШИ“ и СМАРТ АП – Лабораториjа за социјални иновации Скопjе, а финансиски поддржан од Детската фондација „Песталоци“.